Постојат неколку вида на незаситени масни киселини кои ги внесуваме преку храната а играат важна улога во зачувување на здравјето на човекот. Но, од сите нив единствено омега 3 и 6 масните киселини се суштински есенцијални и даваат витални придобивки за здравјето. Омега 6 масните киселини се важни пред се за правилен развој на инфламаторниот одговор на организмот, како и за здравјето на кардиоваскуларниот, коскениот и други системи. Но, за жал и покрај постојаните препораки од страна на стручните лица овие омега 6 масни киселини да се внесуваат во природна форма, непроцесирани, преку консумацијата на ладно цедени масла од семиња, многу често модерните навики на живот носат редовен, дури и прекумерен внес на процесирани масла (пред се преку консумација на пецива, кондиторски производи или рафинирани масти – хидрогенизирани масла, маргарини и др.) кои доведуваат до преголем внес на процесирани омега 6 масни киселини, што го пореметува инфламаторниот одговор на организмот.

Во такви случаи уште повеќе се наметнува потребата од правилно балансирање на внесот и соодносот на омега масните киселини во исхраната на човекот (1:2 до 1:4 на омега 6 спрема омега 3 масните киселини). Таа клучна улога на баланс на инфламаторниот одговор ја имаат омега 3 масните киселини, за кои денес постои огромен број научни студии и анализи, кои ги потврдуваат бројните здравствените придобивки од редовниот внес на овие масни киселини, како во превенцијата така и во третманот на многу здравствени состојби и болести.

Па така, конкретно, денес науката има потврдено повеќе аспекти на антиинфламаторно дејство на омега 3 масните киселини и нивно учество во многу важни физиолошки процеси како што се:

– активацијата на група на Г-протеин рецептори како на пример GPR120 што овозможува реализација на повеќе метаболитички реакции во клетката (како инхибиција на специфични инфламаторни сигнални патишта (Toll-like рецептори (TLR), тумор некротичниот фактор-α (TNF-α), или подобрување на инсулинската чувствителност);

– намалување на активноста, односно регулирање на одредени видови леукоцити (бели крвни клетки) во насока на смирување на активацијата на одредени инфламаторни каскадни механизми; (1)

– одржување на интегритетот на клеточните мембрани (во синтеза на важни сигнални молекули неопходни за правилна размена на материи на клетката со средината и севкупната функција на клетките);

– намалување на активноста на агрегација (насобирање/акумулирање) на тромбоцитите, што превенира прекумерна коагулација на крвта и создавањето на тромбови;

– стимулација на синтезата на потентни анти-инфламаторни липиди наречени резолвини (Rvs) и протектини (PDs) кои го одржуваат здравјето на крвните садови;

– обезбедување на предуслови за оптимален развој и функција на мозокот, пред се за создавањето на невроните и невронските синапси (врски помеѓу невроните кои овозможуваат складирање и процесирање на информации во мозокот);

– регулација на метаболизмот на липиди во црниот дроб преку регулација на главните ензими вклучени во синтезата и катаболизмот на липидите, со што се овозможува регулација и баланс на нивоата на холестерол и триглицериди во крвта.

Со активирањето на различни антиинфламаторни метаболни патишта, омега 3 масните киселини спречуваат појава на воспаленија на ендотелијалната обвивка на крвните садови, кои доведуваат до појава на ендотелијална дисфункција, што е главна причина за појава на висок крвен притисок, атеросклероза, тромбоза и други состојби на нарушено здравје на крвните садови. Науката денес потврдува дека дури и при постоечка ендотелијална дисфункција или акумулација на артериски плак на крвните садови, со редовен внес на сите видови омега 3 масни киселини, преку исхраната или со суплементација, се овозможува чистење на артериите, зголемување на протокот на крв и враќање на виталноста и фунцкијата на внатрешната ендотелна обвивка. (2,3, 4)

Со своето антиинфламаторно дејство, омега 3 масните киселини ги спречуваат или намалуваат воспаленијата на сврзното ткиво со што ги намалуват болките во зглобовите и мускулите кај Ревматоиден артритис, како и воспаленијата на сврзните ткива кои се карактеристични за автоимуните состојби и болести како Псоријаза, Целијакија, Мултиплекс склероза и други болести. (5, 6)

Омега 3 масните киселини се клучни за правилен развој и функција на мозокот како кај децата така и кај возрасните. Во тој контекст неопходно е и да се спомене дека редовниот внес на омега 3 масните киселини помагаат во превенција на појавата на Алцхаимерова болест, Паркинсонова болест и други дегенеративни когнитивни состојби на мозокот. (7, 8, 9)

Затоа доколку сакаме оптимално да ги искористиме придобивките од есенцијалните масни киселини и во телото да осигураме балансирано ниво на омега 6 во однос на омега 3 масните киселини, најдобро е истите редовно да бидат застапени во нашата исхрана, но единствено во природна, непроцесирана форма, што најдобро се прави преку консумацијата на ладноцедените масла од семиња (чиа, лен, тиква, црно семе и др.) како и внес на масни морски риби (или алги).

 

Подготвил: Сашко Дрвошански – нутриционист

 

Референци:

(1) Li K1, Huang T, Zheng J, Wu K, Li D (February 2014). “Effect of marine-derived n−3 polyunsaturated fatty acids on C-reactive protein, interleukin 6 and tumor necrosis factor α: a meta-analysis”. PLOS ONE. 9

(2) Wang C, Harris WS, Chung M, Lichtenstein AH, Balk EM, Kupelnick B, Jordan HS, Lau J (July 2006). “n−3 Fatty acids from fish or fish-oil supplements, but not alpha-linolenic acid, benefit cardiovascular disease outcomes in primary- and secondary-prevention studies: a systematic review”. The American Journal of Clinical Nutrition. 84 (1): 5–17. PMID 16825676.

(3) Clemens von Schacky and William S. Harris, Cardiovascular benefits of omega-3 fatty acids, Cardiovascular Research, Volume 73, Issue 2, 15 January 2007, Pages 310–315,

(4) Delfin Rodriguez-Leyva et al, The cardiovascular effects of flaxseed and its omega-3 fatty acid, alpha-linolenic acid, The Canadian Journal of Cardiology, 2010 Nov; 26(9): 489–496.

(5) Simopoulos AP, Omega-3 fatty acids in inflammation and autoimmune diseases, J Am Coll Nutr. 2002 Dec;21(6):495-505.

(6) Akbar Umair et al. Omega-3 Fatty Acids in Rheumatic Diseases: A Critical Review, Journal of Clinical Rheumatology: September 2017 – Volume 23 – Issue 6 – p 330–339

(7) Olivier Kerdiles et al., Omega-3 polyunsaturated fatty acids and brain health: Preclinical evidence for the prevention of neurodegenerative diseases, Elsevier, Volume 69, Part B, November 2017, Pages 203-213

(8) Simon C. Dyall, Long-chain omega-3 fatty acids and the brain: a review of the independent and shared effects of EPA, DPA and DHA, Front Aging Neurosci. 2015

(9) Innis SM, Dietary (n-3) fatty acids and brain development, J Nutr. 2007 Apr;137(4):855-9.