Иако секоја омега масна киселина има значајна улога во човечката физиологија и метаболизам, сепак вистински предмет на многу заблуди и голема дебата е прашањето навистинската потребата и влијанието на есенцијалните омега масни киселини на здравјето на човекот. Кога станува збор за омега 6 масните киселини, мора да се напомене дека тие се есенцијални (човечкиот организам сам не може да ги создаде)и затоа се апсолутно неопходни за нашето здравје и како такви се вклучени во голем број метаболни процеси. Сепак важно е да се истакне дека во зависност од внесената количината, процесирањето и соодносот со омега 3 масните киселини, тие може понекогаш може да бидат и лоши за нашето здравје! Но, да одиме по ред и да ги разјасниме сите дилеми.
Прво, најважно е да кажам дека Омега 6 масните киселини се неопходни за синтеза на еикосаноидите (простагландини и леукотриени) – специфични сигнални молекули кои во организмот учествуваат во активирање на механизмите на инфламаторен одговор на имуниот систем. Со помош на овие молекули имуниот систем е подготвен да активира верижни реакции кои се неопходни се детектирање, изолирање и уништување на патогените микроорганизми кои можат да го нападнат нашето тело.
Но, треба да се знае дека преголемите количини на овие масни киселини, кои најчесто и можеби несвесно ги внесуваме преку процесираните пекарски или кондиторски производи кои ги содржат, доведуваат до пренагласен инфламаторен одговор, кој може да допринесе за појава на воспаленија што можат да доведат до оштетување на крвните садови и други ткива и органи. Ваквото, про-инфламаторно дејство на омега 6 масните киселини во основа доаѓа до израз во услови на недостаток на омега 3 масните киселини, чија пак основна функција е спротивна од онаа на омега 6 масните киселини, односно тие го смируваат инфламаторниот одговор на организмот. Затоа треба да се погрижиме нашата исхрана да одржува балансиран однос на омега 3 према омега 6 масните киселини од 1:2 како идеален, па се до 1:4 како граница на поволен сооднос на омега 3:омега 6. Ваквиот сооднос најдобро можеме да го запазиме со внес на сурови, непроцесирани семиња, јаткасти плодови и секако ладно цедени масла од семињата што овозможува неутрализирање или оптимално подесување на инфламаторниот одговор на организмот, ефикасен за борба против надворешните напаѓачи, но умерен да превенира преголемо оштетување на засегнатите клетки и ткива.
Секако не треба да се изостави значењето на гама-линолеинската омега 6 масна киселина, која во организмот се синтетизира од линолната (линолеинската) масна киселина, за која постои и научно потврдени сознанија за нејзиното дејство во превенција или третман на различни нарушени здравствени состојби и заболувања.
Па така, науката потврдува дека земањето на гама-линолеинската омега 6 масна киселина помага во воспаленијата на нервите и тегобите кои се резултат на невропатија (оштетувања на периферните нерви кои се јавуваат кај лицата со дијабетес). (1)
Дополнително, потврдени се и препораките дека редовниот внес на гама-линолеинската киселина помага во намалување на отокот, болките и здрвеноста кај зглобовите, со што и го намалува прогресот на болеста кај лица со ревматоиден артритис. (2)
И кога станува збор за здравјето на срцето и крвните садови, не треба да се изостави улогата на омега 6 масните киселини. Студии покажуваат дека редовната суплементација со ладно цедени масла, пред се од семиња, кои се богати со природни полинезаситени омега 6 масни киселини поволно влијаат на превенција од појавата на срцева болест, а во комбинација со омега 3 масните киселини имаат и докажан ефект во регулирање, односно намалување на високиот крвен притисок и регулирање т.е. балансирање на нивоата на холестерол во организмот (3, 4)
Исто така, вредно е да се спомене дека редовниот внес на омега 6 заедно со омега 3 есенцијалните масни киселини се многу важни за зачувување на здравјето на коскениот систем, односно за превенција на загубата на коскената маса до која доаѓа при стареењето (превенција на Остеопороза). (5)
На крај можеме да сумираме дека омега 6 масните киселини се есенцијални за нашиот организам и здравје, само треба да внимаваме како, во каков сооднос и од кои извори ги внесуваме. Затоа важно е да осигураме дека омега 6 масните киселини ги внесуваме на најдобар начин, т.е. со редовна консумација на ладно цедени, непроцесирани масла од сончоглед, тикви, црно семе и други семиња. Консумацијата на различни видови на ладно цедени масла од семиња овозможува и добар внес на омега 3 масни киселини и одржува поволен сооднос на есенцијалните масни киселини во организмот.
Подготвил: Сашко Дрвошански – нутриционист
Референци:
(1) Book – Clinical Management of Diabetic Neuropathy
(2) https://www.arthritis.org/living-with-arthritis/treatments/natural/supplements-herbs/guide/evening-primrose.php
(3) https://www.umm.edu/health/medical/altmed/supplement/omega6-fatty-acids
(5) https://academic.oup.com/ajcn/article/81/4/934/4649143