Модерниот начин на живот исполнет со континуиран стрес, недостаток на физичка активност и секако лоши прехранбени навики се главната причина за зголемената појава на хронични болести на кардиоваскуларниот систем. Дислипидемиите, односно пореметувањата во метаболизмот на масти во крвта, триглицериди или холестерол, се основните и најчести метаболни пореметувања кои се јавуваат како последица на ваквиот стил на живот и несоодветна исхрана. Покачувањата на холестеролот во крвта, конкретно на вредностите на оксидиран липопротеински носач на молекулите на холестерол со мала густина, или попознат кај народот како „лош ЛДЛ холестерол“ се важен биомаркер кој покажува на состојба на инфламација и оштетувања на крвните садови кои доведуваат до појава на атеросклероза (напластување на плак на ѕидовите на артериите кој го отежнува протокот на крв), што понатаму може да предизвика многу сериозни, дури и фатални последици на човековото здравје.
Постои еден своевиден парадокс кога станува збор за појавата и третирањето на високиот холестерол. Наспроти мислењето на голем дел од популацијата и дел од докторите за намалување на нивоата на холестерол со конзумирање на нискомаслена храна односно елиминација на мастите од исхраната, праксата и науката покажуваат дека најдобар и најефикасен начин за регулација на нивоата на холестерол и масти во крвта е елиминација на процесираната храна и храна богата со додадени, рафинирани шеќери и веројатно уште поважно – внесот на здрави ладноцедени масла од семиња. Затоа ленот и ладно цеденото ленено масло се одличен начин на регулирање на холестеролот. Тие содржат многу важни нутриенти како лигнани, фитостероли и есенцијални АЛА омега 3 масни киселини кои овозможуваат намалување на воспаленијата на крвните садови и покачување на нивоата на „добриот ХДЛ“ холестерол што овозможува природна одржливо балансирање и регулација на нивоата на холестерол во крвта.
Голема мета анализа, односно истражување кое ги анализирало податоците од 28 студии направени за влијанието на ленот и неговите продукти врз холестеролот кај човекот во периодот од 1990 до 2008 година покажале дека компонентите во ленот имаат способност за значајно намалување на лошиот холестерол. Заклучоците од оваа мета анализа кажуваат дека, во зависност од полот, начинот на администрирање и почетните нивоа на холестерол, ленот овозможува значително намалување на концентрациите на вкупниот циркулирачкиот и „лошиот“ ЛДЛ холестерол, посебно кај женската популација и лица кои имале предходно покачени нивоа на холестерол. (1)
Студија објавена во 2013 година од страна на Американското списание-журнал за клинички нутриционизам покажало дека 6 неделна суплементација со лен со висока концантреција на лигнанти и полинезаситени омега 3 масни киселини (алфалиноленска киселина) довела до неверојатни 25% намалување на оксидираниот ЛДЛ холестерол во крвта, кој се напластува на ѕидовите на крвните садови предизвикувајки атеросклероза. (2)
Постојат голем број научни студии правени на животни и медицински клинички студии на пациенти кои недвојбено го потврдуваат антиатерогеното и кардиопротективно дејство на ленот и лененото масло во превенција и намалување на атеросклеротските наслаги на масти и оштетувањата на внатрешната ендотелијална мембрана на крвните садови. (3, 4, 5 и 6) Затоа внесот, односно редовната употреба на лененото семе и масло во исхраната се одлична можност за природна регулација на мастите и конкретно холестеролот во крвта и превенција од покачување на нивоата на оксидиран ЛДЛ холестерол. Секако, редовната примена на ленот и неговите продукти исто така претставува ефикасна природна терапија и начин за намалување на постоечките атеросклеротски промени на крвните садови и нивна превенција и заштита од понатамошни оштетувања.
Референци:
(1) An Pan, Danxia Yu et al., Meta-analysis of the effects of flaxseed interventions on blood lipids, Am J Clin Nutr. 2009 Aug;
(2) Rogelio U Almario, Sidika E Karakas, Lignan content of the flaxseed influences its biological effects in healthy men and women, J Am Coll Nutr. 2013 Jun
(3) Edralin A Lucas, Stanley A Lightfoot et al., Flaxseed reduces plasma cholesterol and atherosclerotic lesion formation in ovariectomized Golden Syrian hamsters, Atherosclerosis. 2004 Apr
(4) Ludmila Ferreira Medeiros de França Cardozo, Gabriela Câmara Vicente et al., Prolonged flaxseed flour intake decreased the thickness of the aorta and modulates some modifiable risk factors related to cardiovascular disease in rats, Nutr Hosp. 2014;
(5) Sheila G West, Andrea Likos Krick et al., Effects of diets high in walnuts and flax oil on hemodynamic responses to stress and vascular endothelial function, J Am Coll Nutr. 2010 Dec;
(6) M Makni, H Fetoui et al., Hypolipidemic and hepatoprotective effects of flax and pumpkin seed mixture rich in omega-3 and omega-6 fatty acids in hypercholesterolemic rats, Food Chem Toxicol. 2008 Dec.