Црното семе се добива од едногодишната билка Nigela Sativa, од фамилијата Buttercup, која дава прекрасни нежни цветови кои можат да варираат во нијанси од бела, преку сина до виолетова и розе боја. Цветовите даваат многу интересни плодови кои претставуваат капсули кои ги содржат малите црни семиња, познати меѓу народот и под името црн ким. Семињата со димензија 2-3.5мм на1-2мм имаат црна боја од надвор а бела боја од внатре, малку ароматичен мирис и малку горчлив вкус. Зрната имаат неколку слоеви лушпа, додека внатрешноста, (ендоспермот) што се гледа на пресек, е составена од мали клетки и маслени капки.

Black-Seed-Oil-800x416

Зрната од црното семе содржат многу активни состојки од кои посебно треба да се истакнат тимогвинонот (30%-48%), тимохидрогвинонот, дитимогвинонот, п-цимен (7%-15%), карвакрол (6%-12%), 4-терпинеол, т-анетол, тимол и многу други. Црното семе содржи два различни вида алкалоиди, изоквинилон алкалоиди и пиразол алкалоиди, како и алфахедерин, што претставува молекула на тритерпен и сапонин растворлив во вода кој покажува антиканцерогени способности. Исто така, црното семе содржи високи концентрации од минералите калциум и фосфор, добри количини на бакар, калиум, натриум, цинк и железо, како и витамин Е, бета каротен (про-витамин А) и ниацин (витамин Б3).

Ладно цеденото масло од црно семе се добива по пат на механичка екстракција без загревање и има кафеаво-зелена боја, мрсна текстура и карактеристичен мирис. Во составот на маслото најзастапена е линолеинската,полинезаситена омега 6 масна киселина која завзема до 60% од неговиот состав, потоа олеинската, мононезаситена омега 9 масна киселина со околу 23% и алфалиноленската, полинезаситена омега 3 масна киселина, со 10-13% од составот на маслото. Во својот состав маслото од црно семе содржи и мали количини од повеќе различни заситени и незаситени масни киселини.

timoquinone

Покрај присуството на минерали и поволниот состав на масните киселини, пред се добрата концентрација на омега 3 и 9 масните киселини, главните нутритивни и здравствени придобивки на маслото од црно семе сепак произлегуваат од содржината на биоактивните состојки од семето кои во природна, непроменета потентна форма се содржат и во самото масло кое се добива по пат на ладна екстракција. Во тој контекст најмногу треба да се истакнат тимогвинонот, тимохидрогвинонот, дитимогвинонот, потоа мелатхинот и другите алкалоиди во составот на маслото. Токму овие биоактивни состојки во црното семе се одговорни за неговата исклучително потентната способност да манифестира силни антимикробни, антипаразитски, антифунгални, антиинфламаторни и други важни здравствени карактеристики, кои денес се потврдени и од страна на неколку стотици научни студии и истражување, а се причината поради кои семето и неговото масло се користат во народната медицина на земјите од Блискиот Исток и Азија со векови.

Дополнително, она што е значајно во поглед на присуството на витаминот Е во составот на маслото, кое достигнува до 250мг/кг масло, е фактот дека за разлика од сите други масла, во маслото од црно семе доминираат молекулите на витамин Е во форма на β-токотриенол. Денес науката потврдува дека поради нивната помала молекуларна структура α, β, γ и δ токотриенолите, како поскоро откриена форма на витамин Е, имаат многукратно поголема антиоксидативна способност за неутрализација на слободните радикали во споредба со токоферолите како досега најчесто екстрахирана или користена форма на витамин Е.

Исто така, мора да се напомене дека маслото од црно семе содржи поволен состав на фитостероли, до 2000мг/кг масло, од кои најзастапен е бета-ситостеролот до 900мг/кг масло, додека кампестеролот, стигмастеролот и Ʌ7 авенастеролот, алфа-фитостеролот и други до 200мг/кг масло. Фитостеролите имаат антиоксидативни и други поволни својства во регулација на метаболизмот на масти и други биохемиски процеси кај човекот.