Историјат на фирмата

2018
February 1

2007

Во 2007 година се осамостојува како посебна фирма Агрофила.
Оваа година се доградуваат и опремуваат уште четири објекта:
– погон за прием, селектирање и прочистување на примениот семенски материјал на простор од 300м2;
– реновирање на канцелариски деловен простор од 250м2;
– придружен објект за складирање на ќуспе како сточна храна и простор за складирање на репроматеријали од 300м2.
Како суровина најмногу се користи сончоглед и маслодајна репка.
Од производи кои најмногу се нудат за продажба се маслото од сончоглед во разни пакувања од стаклена и ПЕТ амбалажа и масло од маслодајна репка, пакувано во стаклена и ПЕТ амбалажа.
Во овој период многу малку од потенцијалните потрошувачи на ова масло можеа да направат разлика помеѓу ладно цеденото масло и маслото кое се произведува во рафинериите за масло.

Во 2009 година веќе 50% од произведеното маслото се пласираше како флаширано масло во ПЕТ или стаклени шишиња. Во тој период се потпишуваат и првите договори за соработка со дистрибутивна компанија која се обврзува да ги пласира производите во сите поголеми маркети во нашата земја.
Со слоганот на компанијата „Исцедено од природата‟ со познатата палета од неколку производи на масло од сончоглед и маслодајна репка полека се пробиваше на македонскиот пазар. Оваа година е направено редизајнирање на производот во однос на дизајнот на етикетите и пакувањето на производот.
Во тој период се оствари и првиот извоз во Италија, за да наскоро следува извоз на одредена количина и во Србија, Романија и Австралија.
Во однос на позиционирањето на маслото на домашниот пазар, сеуште беше многу непознато во однос на брендот и квалитетот на производот.

February 1

2005

Почетоците на создавањето на Агрофила датираат од 2005 година, како производна единица во состав на Фила-фарм Скопје. Првите деловни простории за идното производство се купени на 07.01.2004 година, дата која сама по себе симболизира раѓање и нов почеток. По завршувањето на подготвителните работи и адаптирање на деловните простории со првото експериментално производство на ладно цедено масло од сончоглед се започна во мај 2005 година.
Главната дејност на компанијата е производство на автентично ладно цедено масло за јадење, произведено од различни маслодајни семиња. Во тој период, овој начин на производство беше непознат за македонскиот пазар, а и во поширокиот регион. Само неколку мали приватни фирми произведуваа незначителни количини на ладно цедено масло. Агрофила во тоа време беше една од ретките производители на масло од ваков тип во поширокиот регион на Балканот.
Производниот капацитет е лоциран на површина од 12.000м2 во исклучително еколошки чиста средина, опкружен со повеќедецениска шума и прекрасен парк. Во тој период фирмата располагаше со два објекта:
– погон за преработка на семенскиот материјал, заедно со финалната обработка на вкупен простор од 200м2 и складишен простор од 250м2;
– неколку силоси за складирање на семенскиот материјал наменет за преработка на сончогледот.
Во почетоците на своето работење поголемиот дел од произведеното ладно цедено масло (90%) се продаваше како сурово масло на различни сточарски фарми, а само мал процент (10%) е наменет за продажба на масло за јадење наполнето во ПЕТ или стаклени шишиња.
Компанијата своето работење го започна со вкупно 5 вработени, кои своето професионално надоградување го стекнуваа најмногу учејќи од сопствените грешки, имајќи во предвид дека ова производство е сосема непознато во овој период.