Црното семе содржи широк спектар и високи концентрации минерали (како натриум, бакар, калиум, цинк и железо), витамини (како Б3, Е и провитамин А), добар баланс на многу важни омега 3, 6 и 9 и други масни киселини, фитостероли и специфични биоактивни молекули- алкалоиди кои имаат докажани придобивки за човековото здравје. Медицината и науката докажуваат дека алкалоидите, гвинони (како тимогвинонот, дитимогвинонот, тимохидрогвинонот и други), во маслото од црно семе се носители на исклучително моќни антивоспалителни, имуномодулаторни својства кои имаат способност за регулација на воспаленијата и подршка на метаболизмот на сите органски системи.

Народната медицина го користи маслото од црно семе за намалување на болките во грбот, мускулите и зглобовите со векови. Денес и формално медицината и науката го потврдуваат потенцијалот на ова масло да ги смири болката и воспаленијата при инфламаторни состојби на зглобовите, дури и при состојба на ревматоиден артритис. Конкретно, неколку клинички студии, од кои последната објавена во списанието Фитомедицина во средината на 2018 година, јасно покажуваат дека тимогвинонот во маслото од црно семе има силни анти-воспалителни и аналгетски способности, односно ефикасно ја намалува болката и воспаленијата кај пациенти со ревматоиден артритис, без никакви несакани ефекти. Маслото од црно семе исто така поседува и силни анти-оксидативни својства кои влијаат на намалување на оксидативниот стрес и оштетувањата на самите зглобови. Во клиничките студии се мереле промените на специфични сигнални цитокини – инфламаторни молекули и ендогени антиоксиданси (како IL10, тумор некротичниот фактор алфа, азотен монооксид, каталаза, супероксид дизмутаза и др.) а добиените резултати потврдиле дека маслото од црно семе може да го подобри-намали воспалението и да го намали оксидативниот стрес (оштетувањето на зглобовите) кај пациенти со ревматоиден артритис. (1-3) Дополнително, студии исто така потврдуваат дека маслото од црно семе има способност и за намалување на оксидативниот стрес и воспаленијата кои се врзани со состојбите на остеопенија и остеопороза. (4)

Треба да се истакне дека за максимален ефект на намалување на болката и воспаленијата при состојби како што се артритисот (ревматоиден или остеоартритис), воспаленија на мускули, тетиви, лигаменти и други елементи од локомоторниот систем на човекот, најдобро е маслото од црно семе да се зема комбинирано, орално по 5мл два до три пати на ден во период од неколку месеци, но и да се втрие на мастото на воспалението со блага масажа.

 

Подготвил:

Сашко Дрвошански – Нутриционист