Секое масло, повеќе или помалку, е добро за кожата. Одредени есенцијални масла и во основа сите ладно цедени масла од семиња, па така и маслото од црно семе, содржат добри количини на витамин Е кој со својата антиоксидативна способност ја штити кожата од оксидативното, штетно дејство на сончевото УВ зрачење. Исто така, тие имаат поволен состав на важни масни киселини, особено омега 3 АЛА масната киселина, потоа витамин А (бета-каротен) и фитостероли кои ја хранат, заштитуваат и регенерираат кожата, со што ја одржуваат витална и здрава. Интересно е да се спомене дека токму маслото од црно семе се смета дека било одговорно за одржување на вечно младиот изглед и здравје на кожата на фараоните од стар Египет и секако, за одржување на убавината на кралицата Клеопатра. Но, кога станува збор за маслото од црно семе, неговото дејство и бенефити за здравјето на кожата навистина одат многу подалеку.
Маслото од црно семе содржи изобилство од биоактивни компоненти, минерали, витамини и фитостероли кои имаат широк спектар на здравствени придобивки. На пример, маслото има изразени анти-инфламаторни и анти-оксидативни својства кои можат целосно да ги смират акните и да спречат нивна повторна појава. Покрај акните, маслото од црно семе има изразени, тестирани и потврдени антимикробни способности (тестирани на бактерии од групата на Стафилококи, Хеликобактер Пилори и други познати патогени бактерии) кои се должат првенствено од биоактивните состојки тимогвинон и мелатхин, со кои маслото од црно семе успешно ги смирува и превенира кожните бактериски инфекции. (1) Покрај бактериите, габичните микроорганизми (од видот на Кандида Албиканс и други видови) се исто така чест предизвикувач на инфекции на кожата. Маслото од црно семе, конкретно молекулите на различните гвинони и алкалоиди во него имаат потврдено ефинасно дејство против повеќе видови на патогени габични микроорганизми. Одредени истражувања и конкретно потврдуваат дека биоактивните состојки во маслото активираат одбрамбени сигнални молекули и имуни механизми кои успешно ги третираат габичните инфекции и воспаленија предизвикани од дерматофити (тип на габични организми), како што се фунгални инфекции на кожата и ноктите, атлетско стопало и други.(2, 3)
Дополнително, интересно е што маслото од црно семе претставува и природен анти-хистаминик и може да се користи и за било какви состојби на кожата поврзани со алергии. На пример, маслото од црно семе одлично делува на состојбите на егзема на кожата (атопичен или други видови на дерматити). Црвената, инфицирана кожа карактеристична за егземата која се јавува најчесто околу зглобовите, за жал многу често бара третман со стероидни креми и имуносупресантска терапија. Но, маслото од црно семе успешно ја смирува и исхранува иритираната кожа, го смирува воспалението и спречува повторна појава на егземата. Дури и направена клиничка студија потврдува иста ефикасност на употребата на масло од црно семе како третман на егзема, како и примената на стандардни стероидни креми, секако без ниедно од негативните дејства на стероидите. (4)
Псоријазата претставува автоимуно, инфламаторно заболување на кожата, кое создава непријатни повеќеслојни лушпи на кожата кои можат да се воспалат и да предизвикаат создавање на болни отворени рани. Прекумерната реакција на имуниот систем доведува до абнормална пролиферација (размножување/создавање) на епидермалниот слој од кожата што резултира со формирање на тврди лушпи. Повеќе студии и истражувања покажуваат дека маслото од црно семе има одлично, двократно дејство на кожата со псоријаза. Од една страна, маслото има повеќекратна научно потврдена способност за имуномодулација, т.е регулација на работата на имуниот систем со што доаѓа до смирување на воспалението одвнатре и подобра регулација на неконтролираното создавање на нови клетки кои формираат лушпи. Паралелно на тоа дејство, маслото од црно семе ја смирува, навлажнува и исхранува кожата, превенирајки нејзино пукање и создавање на отворени рани. (5, 6, 7, 8) Што е уште поинтересно, клиничка студија направена на 52 пациенти со витилиго, (исто така автоимуна состојба на кожата, во која доаѓа до уништување на меланоцитите кои го даваат пигментот на кожата) писто така окажала подобрување на состојбата на кожата по третман со црно семе. (9)
За крај, неопходно е да се спомене и дека маслото од црно семе има покажано широк спектар на антиканцерогени својства кои се ефикасни кај различни видови на малигни клетки, меѓу кои и на најчестите видови на рак на кожата, како карциноми на базалните клетки на кожата и карцином на сквамозните клетки на кожата. Инвитро студии правени на изолирани малигни клетки потврдиле дека биоактивната состојка тимогвинон има способност да ја попречи делбата, т.е размножувањето на малигните клетки со што превенира ширење на ракот на кожата. (10)
Без разлика дали се употребува во превентивни цели, за добра исхрана, спречување на стареењето и оштетувањето на кожата, или како ефикасен третман на широк спектар заболувања, почнувајки од акни и егземи, преку бактериски или габични инфекции, па се до псоријаза или дури и малигни состојби, навистина можеме да кажеме дека маслото од црно семе е вашиот најдобар сојузник во постигнување и одржување на здравјето на кожата. Маслото од црно семе навистина претставува одличен природен и потврден начин за заштита и нега на кожата.
Подготвил:
Сашко Дрвошански – Нутриционист
www.drvoshanskinutrition.com
Референци:
(1) Bakathir HA, Abbas NA. Detection of the antibacterial effect of Nigella sativa ground seeds with water. Afr J Tradit Compl Altern Med. 2011;8(2):159–164. [PMC free article] [PubMed]
(2) Aljabre SH, Randhawa MA, Akhtar N, et al. Antidermatophyte activity of ether extract of Nigella sativa and its active principle, thymoquinone. J Ethnopharmacol. 2005 Oct 3;101(1-3):116-9.
(3) Rogozhin EA, Oshchepkova YI, Odintsova TI, Khadeeva NV, Veshkurova ON, Egorov TA, et al. et al. Novel antifungal defensins from Nigella sativa L. seeds. Plant Physiol Biochem. 2011;49(2):131–137.[PubMed]
(4) Yousefi M, Barikbin B, Kamalinejad M et al. Comparison of therapeutic effect of topical Nigella with Betamethasone and Eucerin in hand eczema. J Eur Acad Dermatol Venereol. 2013 Dec;27(12):1498-504. doi: 10.1111/jdv.12033. Epub 2012 Dec 1.
(5) Alshatwi AA. Bioactivity-guided identification to delineate the immunomodulatory effects of methanolic extract of Nigella sativa seed on human peripheral blood mononuclear cells. Chin J Integr Med. 2014 Mar 2. [Epub ahead of print]
(6) Majdalawieh AF, Hmaidan R, Carr RI. Nigella sativa modulates splenocyte proliferation, Th1/Th2 cytokine profile, macrophage function and NK anti-tumor activity. J Ethnopharmacol. 2010 Sep 15;131(2):268-75. doi: 10.1016/j.jep.2010.06.030. Epub 2010 Jun 30.
(7) Dwarampudi LP, Palaniswamy D, Nithyanantham M et al. Antipsoriatic activity and cytotoxicity of ethanolic extract of Nigella sativa seeds. Pharmacogn Mag. 2012 Oct;8(32):268-72. doi: 10.4103/0973-1296.103650.
(8) Dwarampudi LP, Palaniswamy D, Nithyanantham M, Raghu PS. Antipsoriatic activity and cytotoxicity of ethanolic extract of Nigella sativa seeds. Pharmacogn Mag. 2012 Oct;8(32):268-72. doi: 10.4103/0973-1296.103650.
(9) Ghorbanibirgani A, Khalili A, Rokhafrooz D. Comparing Nigella sativa Oil and Fish Oil in Treatment of Vitiligo. Iran Red Crescent Med J. 2014 Jun;16(6):e4515. doi: 10.5812/ircmj.4515. Epub 2014 Jun 5.
(10) Khan MA, Chen HC, Tania M, et al. Anticancer activities of Nigella sativa (black cumin). Afr J Tradit Complement Altern Med. 2011;8(5 Suppl):226-32. doi: 10.4314/ajtcam.v8i5S.10. Epub 2011 Jul 3.