Првата регионална конференција за храна, која се одржа во прекрасниот амбиент на „Кањон Матка“, ја отвори Роберт Чобан, сопственик на компанијата Color press Grupa, која е и организатор на конференцијата и најголем издавач на магазини во Југоисточна Европа. Тој ја прогласи конференцијата FoodTalk за отворена и им посака добредојде на сите присутни. Водител низ целодневната програма на конференцијата беше Јована Стојменовиќ.

Конферецијата се состоеше од шест панел-дискусии и од две кејс-студии, богата програма, проследена со повеќе демонстрации во живо од процесот на приготвување на најразлични јадења од присутните готвачи, вештите жени и дел од панелистите. FIT&FOOD беше насловот на вториот панел на тема: Што да се јаде за да бидеме убави и здрави? Покровител на панелот беше „Агрофила“, производител на ладно цедени масла.


Во морето од разновидни диети, начини на исхрана, начини на приготвување на храната, човек може лесно да се загуби, да се разочара и да „крене раце“ од идејата да почне да се храни здраво. На оваа тема зборуваа неколку експерти од областа на медицината, нутриционизмот, фитнесот, како и луѓе, кои со сопствениот пример потврдуваат што значи да се биде здрав и „фит“. Учесници во овој панел со водителката Лила Филиповска беа: Данијела Стаменковиќ од Нови Сад, фитнес-инструкторка и уредник на блогот „Fit&Food“, д-р Стефан Јаќовски од Скопје, специјалист-нутриционист лиценциран од стана на Интернационалната фитнес и бодибилдинг-федерација, Елена Велевска, фолк-пејачка, Маја Платнар, сопственичка на бистрото за „жива“ храна – „Здраво-живо“, Скопје, Марија Нацева, балкански првак во категоријата бикини-фитнес и сопственик на центарот за спортска опрема и исхрана „Get Ready“, Д-р Ана Гифинг, специјалист по антиејџинг-медицина, сопственичка на ординацијата „Д-р Гифинг“ – центар за хроно-исхрана, во Белград и Филип Арсовски, сопственик на ресторанот „Fitnes House“ во Скопје.

Панелот број 3, кој привлече и најголемо внимание поради тоа што беше најдиректно поврзан со храната, и тоа со онаа која веднаш по него сите присутни можеа и да ја вкусат, беше оној чии учесници беа гастро-шефови (сопственици и шефови на кујните на реномирани ресторани во Македонија).Марк Де Јонг, гастро-шеф кој доаѓа од Белгија и е освојувач на престижни Светски награди во готвење, инаку, главен гастро шеф во ресторанот „Кањон Матка“, Никола Мишковски, главен гастро шеф во Mikei Hanting Klub, Kamnik bb, Орданчо Унчев, гастро-шеф во ресторанот „Тиквеш“, Дејан Христовски, гастро-шеф, сопственик на ресторан и водител на популарната кулинарска емисија „Четири сезони“ и Влатко Огненовски, гастро-шеф во „Форца“ и учесник во кампањата „Шпајзот на Македонија“.

Како специјален гостин на конференцијата беше Легендарниот хрватски водител Оливер Млакар (80), чија кариера ја обележаа квизот “Квискотека” и кулинарското шоу “Малите тајни на големите мајстори на кујната”, кој за себе вели дека сe уште на улица луѓето по него довикуваат “Еј, Вегета” или “Еј, Квиско”.
Oliver Mlakar