Човечкиот организам е способен создаде разни видови масти, но постојат и такви кои се неопходни за различни физиолошки функции, а човекот не може да ги синтетизира и единствено може да се обезбедат преку храната. Масните киселини се основните молекули на масти кои се користат како структурни единици за синтеза на посложени молекули, потребни за одредени метаболни функции. Човекот е способен за синтеза на молекули на масни киселини со должина на ланецот до 18 јаглеродни атоми. Па така, олеинската масна киселина, која претставува мононезаситена омега 9 масна киселина, најчесто ја внесуваме со внес на ладно цедено маслиново масло или ладно цедени масла од црно семе, лен и други семиња (во кои се наоѓа во помала концентрација), но нашиот организам е способен и самиот да ја синтетизира од други поедноставни молекули на масни киселини. И помалку познатите, но исто толку важни, омега 7 мононезаситени масни киселини (палмитолеинската киселина е нивен најдобар претставник), можат или да се обезбедат преку конзумирање на морски риби, семе од калинка, макадемски ореви и некои други плодови, или да се синтетизираат во човековиот организам. Но, човековиот организам ја нема способноста да синтетизира полинезаситени масни киселини чија должина надминува 18 јаглеродни атоми во нивната оска. Таков е случајот со линолната и α-линоленската киселина 18:3Δ9,12,15 кои имаат незаситена врска помеѓу 9тиот и 10тиот јаглероден атом (во однос на α-COOH групата). Заоа овие масни киселини се наречени есенцијални омега масни киселини и мораат да се внесат во организмот само преку храната или соодветна суплементација.

omega-3-6-91

Името омега (од грчката буква ω) се однесува на крајот на масната киселина спротивен со карбоксилната (COOH) група. Омега 3 масните киселини се оние кај кои првото место на незаситеност на јаглеродните атоми е кај третиот, односно помеѓу третиот и четвртиот јаглероден атом во однос на омега крајот на масната киселина, а соодветно кај омега 6 масните киселини тоа е шестото место. Линолната (или позната и како линолеинска) киселина на некој начин е основната омега 6 полинезаситена масна киселина која мораме да ја внесеме со храната, а потоа човековиот организам од неа може да синтетизира други омега 6 масни киселини, додека алфа линоленската киселина е основната омега 3 масна киселина од која можат да се создадат други есенцијални масни киселини.

omega-3-and-omega-6-fatty-acids

Постојат повеќе видови на омега 6 масни киселини, како линолната/линолеинската, гама линолеинската, календинска, арахидонската и други, но само 3 вида на омега 3 есенцијални масни киселини, а тоа се α-линоленска киселина (АЛА), еикосапантаенска (екосапантаенска) киселина (EПА) и декосахексанска киселина (ДХА). Зависно од потребата, човековиот организам е способен за конверзија на АЛА во ЕПА и потоа во ДХА омега 3 масните киселини. Кај женската популација постои релативно успешна конверзија на АЛА во ЕПА омега 3 масната киселина и во зависност со потребите околу 20% од АЛА може да се конвертира во ЕПА масната киселина, но генерално самата конверзија во ЕПА или понатаму во ДХА зависи од повеќе фактори и во реалноста се спроведува во релативно мал процент.
Најдобрите извори на есенцијалната линолна (или линолеинска) омега 6 масна киселина, како прекурсор за другите омега 6 масни киселини се растителните масла, а во најдобра природна и непроцесирана форма оваа масна киселина може да се добие од ладно цедените масла од семиња, првенствено маслото од сончоглед. Најдобри природни извори на АЛА омега 3 масната киселина се ладно цедените масла од семиња, како што се ладно цеденото масло од лен (во кое АЛА завзема над 50% од составот), потоа ладно цеденото масло од црно семе, тиква (каде на АЛА масната киселина отпаѓа 10-20% од составот) се до останатите масла како маслото од сончоглед и други кои исто така во мали количини ја имаат оваа масна киселина во својот состав. Најдобри извори на ЕПА и ДХА омега 3 масните киселини се масната морска риба и морските животни, како ракчиња, лигњи и други, како и морски алги како изворни носители на овие омега 3 масни киселини.