Хипертензијата или покачениот крвен притисок е едно од најчестите заболување на кардиоваскуларниот систем кое ја погодува популацијата како во нашата земја, така и на светско ниво. Како патолошка состојба, покачениот крвен притисок доведува до сериозни оштетувања на васкуларниот ендотел (внатрешната обвивка на крвните садови) што често остава трајни и сериозни последици по здравјето на крвните садови, особено ја нарушува периферната циркулација што како последица доведува до оштетување и намалена функција на очите и бубрезите, а често може да доведе и до руптура (прскање) на крвните садови кои доколку се случат на големи крвни садови или во мозочното ткиво (мозочен удар) можат да бидат и фатални! Класичната медицина дава широк спектар на лекови за контрола на хипертензијата, кои работат на принципот на блокирање на одреден метаболен пат кој овозможува контрола на крвниот притисок, но во основа тие лекови не помагаат за вистинско решавање на коренот на проблемот, ниту овозможуваат подобрување на нарушената функција на крвните садови и нивна ревитализација.
Во тој контекст, промените на начинот на живот и исхраната се исклучително важни и можат да помогнат во природна и ефикасна регулација на крвниот притисок и севкупно подобрување на здравјето на крвните садови. Еден од клучните продукти кои треба да бидат дел од секоја здрава и избалансирана исхрана, а имаат посебна функција во регулација на крвниот притисок е семето од лен и неговото масло! Лененото семе и масло содржат широк спектар на исклучително важни нутриенти, од кои посебен акцент, кога станува збор за здравјето на крвните садови, имаат алфа линоленската омега 3 масна киселина (АЛА), лигнантите и растителните влакна во неговиот состав. Голема мета анализа објавена во 2014 година која ги проучувала резултатите од 11 студии покажала дека суплементацијата со лен во период од само 4 месеци има ефекти на подобрување, односно намалување и на систолниот и на дијастолниот крвен притисок. (1) Дополнителна мета анализа спроведена во 2016 година, која вклучувала 15 студии и над 1300 учесници, повторно покажала значајно намалување на систолниот и дијастолниот притисок кај групите кои се суплементирале и со семе од лен и со ладно цедено масло од лен. (2)
Науката покажува дека омега 3 масните киселини, лигнантите и диететските-растителни влакна во лененото семе помагаат во подобрување на состојбата на заболување на периферните артерии која е директно асоцирана со состојбата на хипертензија. Двојно контролирана студија која користела суплементација со 30 г на мелено ленено семе во период од 6 месеци покажала до 50 пати поголема циркулација на АЛА омега 3 масната киселина и лигнаните од ленот во споредба со контролната група, на што се должело намалување на крвниот притисок од 10 до 15 мм живин столб, што претставува огромно намалување на високиот крвен притисок на природен и целосно одржлив начин, со едноставна промена на диететските навики на пациентите. Ова, согласно научниците кои ја изведувале студијата претставува најголемо и најзначајно намалување на крвниот притисок што е постигнато на природен начин, односно со некоков вид на храна или додаток во исхраната. (3)
Дополнителни студии ги анализирале ефектите на АЛА омега 3 масната киселина од ленот-лененото масло како одговор на акутен стрес, ендотелијалната функција на крвните садови, промена на крвниот проток и концентрацијата на молекули/хормони кои се јавуваат како природни физиолошки механизми за регулација на крвниот притисок. Студиите потврдиле дека АЛА омега 3 масната киселина од ленот, односно лененото масло доведуваат до значајно намалување на крвниот притисок, намалување на периферниот отпор во крвните садови и значајно подобрување на сите контролирани периметри на физиолошка регулација на притисокот, што може ефикасно да ги замени ефектите и дејството на лековите кои се применуваат за контрола на хипертензијата. (4, 5)
Она што науката го покажува и што е навистина важно е способноста на нутриентите во ленот да го регулираат покачениот крвен притисок, но нивната редовна консумација нема негативен ефект на намалување на нормалниот крвен притисок кај здрави индивидуи. Исто така, со користењето на ленот за регулирање на крвниот притисок се избегнуваат и сите оние познати, можни и чести нус појави и негативни ефекти кои лековите за хипертензија можат да ги дадат кај корисниците. Затоа , слободно може да се заклучи дека ленот и ладно цеденото ленено масло имаат одличен и медицински докажен ефект на регулација на крвниот притисок и се добар природен начин за постепена регулација на притисокот. Секако, внесувањето на ленот во исхраната, за потребите на регулација на притисокот, а во функција на замена на постоечката терапија со лекови, треба секогаш да се направи во договор и под контрола на надлежно стручно-медицинско лице.
Подготвил: Сашко Дрвошански – Нутриционист
Референци:
(1) Saman Khalesi, Christopher Irwin, Matt Schubert, Flaxseed consumption may reduce blood pressure: a systematic review and meta-analysis of controlled trials, J Nutr. 2015 Apr;
(2) Sorin Ursoniu, Amirhossein Sahebkar et al., Effects of flaxseed supplements on blood pressure: A systematic review and meta-analysis of controlled clinical trial, Clin Nutr. 2016 Jun;
(3) Delfin Rodriguez-Leyva, Wendy Weighell et al., Potent antihypertensive action of dietary flaxseed in hypertensive patients, Hypertension. 2013 Dec
(4) Sheila G West, Andrea Likos Krick et al., Effects of diets high in walnuts and flax oil on hemodynamic responses to stress and vascular endothelial function, J Am Coll Nutr. 2010 Dec
(5) G. K. Pasckos et al., Dietary supplementation with flax seed oil lowers blood pressure in dyslipidaemic patients, European Journal of Clinical Nutrition Advance Online Publication 10. 1038