Примената на радиоактивно зрачење (радиотерапија) е една од најчестите форми на терапија кои се користат како стандарден метод во медицинската пракса за третман на малигни заболувања. Независно од проценката на ефектот и успешноста на самата терапија во уништување на ракот, штетното дејство на овој вид терапија на здравото ткиво во организмот е јасно потврдено како од страна на научната јавност така и од страна на медицинскиот персонал. Дејството на радијацијата и покрај тоа што се прави локализирано, сепак нема селективно дејство само на малигните клетки. Таа доведува до голем оксидативен стрес, односно појава на внатреклеточни слободни радикали кои директно ги уништуваат органелите и молекулата на ДНК во клетката. Затоа, препорачливо е сите лица кои се подложени на радиотерапија, за време и во периодот после третманите, да го зголемат антиоксидативниот капацитет на својот организам и да го зајакнат имуниот систем со цел да се спречи или минимизира штетата која е индицирана од самата терапија. Денес, науката покажува дека црното семе и неговите биоактивни компоненти, пред се тимогвинонот, имаат заштитно дејство и би можеле да се користат за спречување на радијациското оштетување на клетката и здравото ткиво.
Во студија објавена во 2017 правена на 80 деца со тумор на мозокот кои биле подложени на третман, групата која користела 5 гр од црно семе во период од 3 до 9 месеци покажала значително намалување во појавата треска, воспаление и ослабнување на имуниот систем (утврдено преку намалување на бројот на неутрофили, специфични клетки од имуниот систем). (1) Дополнителни студии правени кај животни (експериментални животински модели) и кај луѓе, подложени на целно радијациско зрачење на различни органи, кои ги мерела маркерите на оксидативен стрес, односно штетите предизвикани од радијацијата, како и концентрацијата и ефектот на присутните антиоксиданси како бета каротен, витамин Ц и др.) исто така го потврдуваат антиоксидативното и заштитно дејство на црното семе и неговото масло. Студиите покажале задршка или дури и намалување на маркерите на оксидативен стрес и значително зголемување на не-ензимскиот антиоксидативниот капацитет на организмот (преку одржување или зајакнување на вредностите на молекулите на антиоксиданси). Исто така, студиите покажеле дека црното семе и неговото масло го спречиле падот на имуниот систем, т.е. ги спречиле уништувањата на специфични лимфоцити, антитела и намалување на функција на слезинката и тимусната жлезда (органи од имуниот систем од човекот) до кои доаѓа при изложеноста на радијација. Сите овие параметри јасно го покажуваат неутрализирачкото дејство на биоактивните состојки во црното семе и неговото масло на радијацијата, односно способноста за заштита на изложените органи и имуниот систем во целина. (2-6)
Потврденото заштитното дејство на тимогвинонот од токсификацијата, односно штетите кои радијацискиот третман на ракот ги прави на човечкиот организам, е дотолку позначајно поради паралелното антитуморно дејство на самите клетки на ракот. Тоа значи дека од една страна тимогвинонот од маслото од црно семе ги заштитува здравите клетки, спречувајки слободните радикали формирани со радијацијата да ги оштетат, како и спречувајки појава на воспаленија и апоптоза (програмирана смрт на клетката), додека од друга страна тој активира сигнални патишта кои индицираат создавање на слободни радикали и предизвикување на апоптоза (програмирана смрт) само на клетките на ракот.
Подготвил: Сашко Дрвошански – Нутриционист
Референци:
(1) HebatAlla Fathi Mohamed Mousa, Nesrin Kamal Abd-El-Fatah et al, Effect of Nigella sativa seed administration on prevention of febrile neutropenia during chemotherapy among children with brain tumors, Childs Nerv Syst. 2017 Mar 27;
(2) Mustafa Cemek, Hüseyin Enginar, Turan Karaca, Perihan Unak, In vivo radioprotective effects of Nigella sativa L oil and reduced glutathione against irradiation-induced oxidative injury and number of peripheral blood lymphocytes in rats, Photochem Photobiol. 2006 Nov-Dec;
(3) Adem Ahlatci, Abdurahman Kuzhan, Seyithan Taysi et al, Radiation-modifying abilities of Nigella sativa and Thymoquinone on radiation-induced nitrosative stress in the brain tissue, Phytomedicine 2013 Nov 21;
(4) Mohamed E Assayed, Radioprotective effects of black seed (Nigella sativa) oil against hemopoietic damage and immunosuppression in gamma-irradiated rats, Immunopharmacol Immunotoxicol. 2010 Jun;
(5) Lori Rastogi, Shaikh Feroz, Badri Narain Pandey, Protection against radiation-induced oxidative damage by an ethanolic extract of Nigella sativa L., Int J Radiat Biol. 2010 Sep;
(6) Nidhi Pandey, Priya Shri et al, Radiation Induced Gastrointestinal Damage and Protection: Nigella Sativa Seed Extract and Thymoquinone, Defence Life Science Journal, Vol. 2, No. 3, July 2017;