Почетоците на создавањето на Агрофила датираат од 2005 година, како производна единица во состав на Фила-фарм Скопје. Првите деловни простории за идното производство се купени на 07.01.2004 година, дата која сама по себе симболизира раѓање и нов почеток. По завршувањето на подготвителните работи и адаптирање на деловните простории со првото експериментално производство на ладно цедено масло од сончоглед се започна во мај 2005 година.
Главната дејност на компанијата е производство на автентично ладно цедено масло за јадење, произведено од различни маслодајни семиња. Во тој период, овој начин на производство беше непознат за македонскиот пазар, а и во поширокиот регион. Само неколку мали приватни фирми произведуваа незначителни количини на ладно цедено масло. Агрофила во тоа време беше една од ретките производители на масло од ваков тип во поширокиот регион на Балканот.
Производниот капацитет е лоциран на површина од 12.000м2 во исклучително еколошки чиста средина, опкружен со повеќедецениска шума и прекрасен парк. Во тој период фирмата располагаше со два објекта:
– погон за преработка на семенскиот материјал, заедно со финалната обработка на вкупен простор од 200м2 и складишен простор од 250м2;
– неколку силоси за складирање на семенскиот материјал наменет за преработка на сончогледот.
Во почетоците на своето работење поголемиот дел од произведеното ладно цедено масло (90%) се продаваше како сурово масло на различни сточарски фарми, а само мал процент (10%) е наменет за продажба на масло за јадење наполнето во ПЕТ или стаклени шишиња.
Компанијата своето работење го започна со вкупно 5 вработени, кои своето професионално надоградување го стекнуваа најмногу учејќи од сопствените грешки, имајќи во предвид дека ова производство е сосема непознато во овој период.