Бенефит на ленот во исхраната
Бенефитот и лековитоста на ленот во исхраната се познати уште од времето на старите Египќани. Во денешно време ленот е посебно популарен поради високата концентрација на омега-3 незаситена алфа-линолеинска киселина (ALA). Концентрацијата на ALA во маслото добиено со ладно-цедење на лен надминува 50%. Другите масни киселини кои се застапени во маслото од ленот освен алфа-линолеинска киселина се палмитинска (до 6%), стеаринска киселина (до 4%), олеинска киселина (до 18%) и линоленска киселина (до 14%). Маслото од лен е едно од најбогатите масла со незаситени масни киселини. ALA е многу важна во исхраната бидејќи ова масна киселина е „родител“ на есенцијалните омега-3 незаситени масни киселини.
Во табелата бр 1., наведени е процентуалната застапеност на масните киселини во маслото од ленот.
Табела бр.1. Најзастапени масни киселини во маслото од ленот
Масни киселини Процентулна застапеност
Палмитинска киселина од 5 до 6%
Стеаринска киселина од 3 до 4%
Олеинска киселина од 15 до 18%
Линоленска киселина од 13 до 14%
Алфа-линолеинска киселина (ALA) од 55 до 65%
Уште во дамнешната 1920 година, научниците откриле дека комплетен исклучок на маслата во исхраната на глувците придонесуваат до попречување во растот, сушење на кожата и појавување на ранички. Сепак, во тоа време не биле познати сите масни киселини и не се знаело кои масни киселини се есенцијални за правилен раст и развој. Денес е познато дека три вида на масни киселини: линоленска, арахидонска и алфа-линоленска киселина се најнеопходни во исхраната на луѓето бидејќи овие киселини се „есенцијални“ бидејќи тие не можат да бидат синтетизирани во човечкото тело туку мора да се внесуваат преку храна [1]. Недостаток на ALA автоматски во човечкото тело предизвикува недостаток на омега-3 масни киселини кои пак предизвикуваат невролошки симптоми како што се вкочанетост, болка во мускулите и замаглување на видот [2].
Влијание на ленот врз правилно функционирање на бубрезите
Редовна употреба на ленот во исхраната има значаен ефект врз правилното функционирање на џигерот и бубрезите. Алфа-линолеинската (ALA) киселина е прекурсор за простаноиди од групата 3, додека омега-6 масните киселини се прекурсор за простаноиди од групата 2. Група 3 простаноиди се познати како инхибитори за воспалителни процеси. Поради тоа ленот има антивоспалително дејство и посебно се препорачува при воспалувањето на бубрезите [3].
Освен со незаситени масни киселини, ленот е богат и со фитоестрогени лигнани и тоа во количества од 75 до 800 поголеми од 66 вида на друга растителна храна. Лигнаните претставуваат растителни хормони со структура слична на естрогенот. Секоисоларицирезинол дигликозид (SDG) и неговиот мамалин лигнан метаболитички во телото се претвора во енетеродиол а потоа во ентеролактон. Влијание на ленот врз правилно функционирање на половите жлезди Лигнините, кои се природно застапени соединенија во ленот, имаат значително влијание на нивото на половите хормони во крвта. Имено, со редовно конзумирање на лен, лигнините може да предизвикаат естрогенски ефект кај жените во менопауза. Phipps и неговите соработници направиле истражување на ефектот на ленот во исхраната (од 0 до 10г на лен/дневно) на 18 жени во пременопауза и дошле до заклучок дека кај овие жени била продолжена лутеалната фаза за која посебно е одговорен прогестернот [4].
Brzezinski и неговите соработници вршеле испитувања на 165 жени во постменопауза во период од 12 недели и утврдиле дека храна богата со лигнини и ги намалува тегобите на нагло чувство на топло-ладно [5].
Влијание на ленот врз намалување на ризик од карцином Лигнаните имаат и антиканцероген ефект бидејќи го намалуваат ризикот од разни видови на карциноми. Лигнаните се разградуваат во микрофлората на цревата и се конвертираат во ентеродиол и ентеролактон. Adlercreutz и неговите соработници вршеле испитување на ефектот на овие супстанции од ленот врз канцер на дојките кај жените. Тој забележал дека екскрецијата на лигнаните во урината на пациентките заболени од карцином и оние кои не се вегетаријанки е пониска во споредба со таа на вегетаријанките [6]. Според најновите истражувања, карциномот на простатата и на тироидната жлезда е зависен од фитоестрогените.
Канцерогенезата како процес е поделена на четири стадиуми и тоа: иницијација, промоција, прогресија и метастазирање. Редовната употреба на ленот во исхраната може да го успори на различен начин било кој од стадиумот на канцерогенезата. Досегашните испитувања на глувци покажаа дека примена на диета богата со лен го намалува ризикот од инцијација и промоција на карциноми од 46% [7].
Влијание на ленот за правилно функционирање на кардиоваскуларниот систем
Првилна исхрана со масти и масла е многу важна за заштита од кардиоваскуларни болести. Една од најважните причини за пораст на кардиоваскуларните болести е исхрана во која доминираат продуктите од животинско потекло. Тие содржат висок процент на заситени масни киселини како што е палмитинската и стеаринската масна киселина кои предизвикуваат зголемување на плазма холестеролот и ЛДЛ холестерол, кои пак се тесно поврзани со смртност предизвикана од кардиоваскуларни болести [8].
Редовна конзумација на ALA предизвикува метаболиичка синтеза на омега-3 масни киселини во телото кои пак го регулираат систолниот и дијастолниот крвен притисок. Овој заклучок е научно докажан во експериментот на Morris и неговите соработници. Имено, во овој експеримент биле вклучени 1356 пациенти. Резултатите покажале дека систолниот крвен притисок се намалил за 3,4 mmHg додека дијастолниот крвен притисок се намалил за 23,4 mmHg со редовна употреба 5,6 г/дневно на масло богато со ALA на пациенти со хронична хипертензија [9].
Влијание на ленот врз правилно функционирање на имуниот систем
Редовна употреба на лен и ленено масло во исхраната значително влијае на воспалителните болести поврзани со неправилно фукционирање на имуниот систем. Незаситените омега-3 масни киселини делуваат како АА антагонисти, намалувајќи ја нивната концентрација во клеточните мембрани па на тој начин ги намалуваат инфламаторните медијатори како што се простагландини и леукотриени кои се одговорни за воспалителните процеси во организмот. Kelley и неговите соработници го проучувале ефектот на маслото од лен врз имуниот систем на 10 волонтери во период од 56 дена. Истражувањето покажало дека ленот значително ја намалува хиперзензитивноста на имуниот систем на неколку вида антигени [10]. Исто така, редовно конзумирање на лен и масло од лен го намалува ризикот од артериосклероза за 46% без притоа да го намали вкупниот холестерол во крвниот серум [11].
Влијание на ленот врз дијабетис
Влијанието на ленот и неговото масло на дијабетис сеуште не е целосно разјаснето. Сепак, направени се неколку истражувања кои индицираат дека иако нема директно намалување на глукозата во крвта кај пациентите заболени од дијабетис – тип 2, сепак се успорува брзината на формирање на глукозата после оброк.
Ленот и маслото од лен се богат извор на витамини од групата Е. Овие витамини се посебно важни за заштита на кожата од стареење како и правилно функционирање на половите жлезди [12].
Во табелата 2 дадени се процентуалната застпаеност на витамините од групата Е во маслото од ленот.
Табела бр.2. Најзастапени витамини од групата Е во маслото од ленот
Витамини од групата Е Мг/кг масло
α-токоферол до 2 мг
γ-токоферол до 450 мг
Пластохроманол-8 до 200 мг
δ-токоферол до 4 мг
Фитостеролите се минорна група на супстанции присутна во маслото од ленот со хемиска структура слична на холестеролот. Овие супстанци се од посебен интерес во денешно време поради начинот на кој се апсорбираат во телото и го намалуваат холестеролот во крвта. Последните испитувања направени од научниците од Харвард покажале дека иако фитостеролите имаат слична структура со холестерол, сепак таа во доволна мера се разликува од холестеролот за да биде попогодна за апсорпција во цревата отколку холестеролот. Тоа овозможува холестеролот во присиство на фитостероли да не се апсорбира низ цревата туку само да помине низ нив. Бидејќи на жолчката и е потребен холестеролот за синтеза на жолчна киселина која е неопходна за варење на храната, жолчката го користи лошиот ЛДЛ холестерол а го остава добриот ХДЛ холестерол неискористен во крвта и на тој начин, со овој механизам се намалува вкупниот холестерол во крвта [13].
Во табелата 3 дадени се процентуалната застпаеност на фитостеролите од во маслото од ленот.
Табела бр.3. Најзастапени фитостероли во маслото од ленот
Фитостероли Мг/кг масло
Бразикастерол 20-30 мг
24-Метиленхолестерол 60-80 мг
Кампестерол 600-800 мг
Кампестанол 40-50 мг
Стигмастерол 200-300 мг
Δ7-Кампестерол 40-50 мг
Хлеростерол 20-30 мг
β-Ситостерол 1200-1600 мг
Ситостанол 20-30 мг
Δ5-Авенастерол 300-400 мг
Δ5,24-Стигмастадиенол 50-70 мг
Δ7-Стигмастанол 20-30 мг
Δ7-Авенастерол 20-30 мг
Библиографија
[1] Cunnane, S. C., The conditional nature of the Dietary Need for Polyunsaturates: A Proposal to Reclassify “Essential fatty acids” as “Conditionally Indispensible” or “Conditionally Dispensible” Fatty acids. Br. J. Nutrition. 84:803-812 (2000).
[2] Cunnane, S. C., and Anderson M.J., Pure Linoleate Deficiency in the Rat: Influence of Growth, Accumulation of n-6 Polyunsaturates and 14C-Linoleate Oxidation, J. Lipid Res. 38:805-812 (1997).
[3] Valesquez, M. T., Bhathena S. J., Dietary Phytoestrogens: a Possible Role in Renal Disease Protection. Am. J. Kidney Dis., 37:1056-1068 (2001).
[4] Phipps, W. R., Martini, M .C., Lampe, J. W., Slavin, J. L., and Kurzer, M.S., Effect of Flaxseed Ingestion on the Menstrual Cycle, J. Clin. Endocrinol. Metab. 77:1215-1219 (1993).
[5] Brzezinski, A. H., Adlercreutz, H., Shaoul, R., Rösler, A., Shmueli, A., Tanos V. and Schenker J.G. 1997. Short-term effects of phytoestrogen-rich diet on postmenopausal women. Menopause. 4, 89-94.
[6] Adlercreutz, H., Fotsis T., Heikkinen, B., Dwyer J. R., Wood, M., Goldin, B. R., and Gorbah, S. L., Excretion of the Lignans Enterolactone and Enterodiol and of Equol in Omnivorous and Vegeterian Women and Women with Breast Cancer, Lancet, 2: 1295-1299 (1982)
[7] Seraino, M and Thompson L. U., The Effect of Flaxseed Supplementation on Early on the Initiation and Promotional Stages of Mammary Tumorigenesis, Nutr. Cancer 17: 153-159 (1992)
[8] Kromhout D, Menotti A, Bloemberg B, Aravanis C, Blackburn H, Buzina R, Dontas AS, Fidanza F, Giampaoli S, Jansen A, Dietary saturated and trans fatty acids and cholesterol and 25-year mortality from coronary heart disease: the Seven Countries Study, Pev. Med. 24: 308-315 (1995)
[9] Morris M. C., Sack F and Rosner B. Does Fish Oil Lower Blood Presure? A Meta Analysis of Controlled Trials, Circulation, 88:523-533 (1993)
[10] Kelly D. S., Branch L. B., Love J. E., Taylor P.C., Rivera Y. M. and Iacono J. M, Dietary Alpha Linolenic Acid and Immunocompetence in Humans, Am. J. Clin. Nutr. 53: 40-44 (1991)
[11] Castelli, W. P., Cholesterol and Lipids in the Risk of Coronary Artery Disease: The Framingham Heart Study, Canad. J. Cardiol. 4(Suppl. A):5A-10A (1988).
[12] Waters D. D., Alderman E. L., Hsia J, Howard B. V., Cobb F. R., Rogers W. J., Ouyang P, Thompson P, Tardif J. C., Higginson L, Bittner V, Steffes M, Gordon D. J.,Proschan M, Younes N, Verter JI, Effects of hormone replacement therapy and antioxidant vitamin supplements on coronary atherosclerosis in postmenopausal women: a randomized controlled trial, J. Am. Med. Assoc, 228, 2432-2440, (2002)
[13] Eating you way to lower cholesterol. Foods fortified with plant sterols or stanols can help
nudge down high cholesterol. Harv Heart Lett. 16(7):3 (2006)