Дијабетесот или шеќерната болест е најчестото ендокринолошко заболување во светот и едно од водечките заболувања на модерното живеење. Стресното живеење и модерните прехрамбени навики на прекумерен внес на процесирана храна и храна со додадени, рафинирани шеќери, се почесто резултираат во дисбаланс на метаболизмот на шеќер во крвта и појава на дијабетЕс (дијабетес мелитус тип 2). Сериозни и суштински промени на прехрамбените навики се основна препорака за регулирање на метаболизмот на шеќер и подобрување на здравјето за сите лица кои страдаат од дијабетес, или пред-дијабетес. Воведувањето на промени на прехрамбените навики се подеднакво неопходни, како за контрола на гликемискиот статус во крвта, така и за превенција на компликации (оштетување на крвните садови, оштетување на видот и очите, периферните нерви, функцијата на бубрезите и др.), кои се чести кај дијабетичарите.

Исхраната на лицата кои страдаат од дијабетес, или метаболен синдром и се под зголемен ризик од појава на дијабетес, предвидува редовен внес на семиња од лен, чиа, тиква, сусм, сончоглед и други, како одличен начин на регулирање, односно успорување на дигестијата и апсорпцијата на храна и со тоа превенирање на рапидно покачување на нивото на гликоза во крвта. Исто така и ладно цедените масла од семиња, особено маслото од лен, чиа или семки од тиква, треба да бидат редовно застапени во исхраната на овие луѓе бидејки нивниот состав, богат со полифеноли со антиоксидативни својства, витамини (Е), фитостероли, а над се омега 3 масни киселини, има ефикасно дејство на подобра регулација на метаболизмот на гликоза и на превенција на оштетувањата на крвните садови кои се јавуваат како последици на високи, нерегулирани нивоа на шеќер во крвта. Постои релативно добра општа информираност на нашите граѓани дека редовниот внес на ладноцеденото маслиново масло помага во одржување на здравјето и функцијата на кардиоваскуларниот систем, но малкумина знаат дека всушност постојат јасни научни и медицински докази дека редовниот внес на ладноцедено маслиново масло игра значајна улога во подобрување на контролата и регулацијата на шеќерот кај лица со метаболен синдром или дијабетес.

Големо истражување на околу 60.000 жени од САД, во период на 22 години, во кои имало околу 10.000 случаи на дијабетес, покажало дека секојдневното конзумирање на најмалку 1 супена лажица ладноцедено маслиново масло и замена на внесот на процесираните транс масти (од чипс, маргарин и други процесирани масла) со ладноцедено маслиново масло помага да се намали ризикот и инциденцата од појава на дијабетес тип 2 до 15%. (1) Исто така, научните студии јасно потврдуваат дека исхраната која вклучува редовен внес на ладноцедено маслиново масло помага во метаболната контрола и во превенција на воспаленијата и оштетувањата на крвните садови, кои се честа последица и компликација на нарушена контрола на шеќерот кај лицата со дијабетес или предијабетес. (2, 3)

Студија објавена во 2016 година на лица болни од дијабетес тип 2 испитувала какво е влијанието на внесот на ладноцедено маслиново масло со оброк на мерењата на нивоата на гликоза после оброкот (60 и 120 минути по оброкот), заедно со конкретни параметри на регулација на инсулинската секреција и нивоа на масти во крвта. Студијата јасно покажала дека внесот на ладноцедено маслиново масло со оброкот придонесува да се намали нивото на гликоза и триглицериди мерени по оброкот и помага во зголемување на секрецијата на инсулин и подобрена регулација на инкретин хормоните (како ГЛП хормонот одговорен за инсулинската секреција). (3) Слична студија од 2010 година покажала дека внесот на ладноцедено маслиново масло во оброкот овозможува подобра регулација на нивоата на гликоза и намалено гликемиско оптоварување на оброкот со маслиново масло и кај пациенти со дијабетес малитус тип 1. (5) Тоа значи дека само со додадевање на ладно цедено маслиново масло на оброкот, на било кој оброк независно од количината на јаглехидрати кои ги содржи, ние лесно можеме да го подобриме гликемискиот удел и оптеретување кое оброкот го прави на нашиот организам. Ова е неверојатно сознание дека ладноцеденото маслиново масло може да има толку силно, директно влијание на гликемискиот статус на организмот! Интересно е што истражувањата покажуваат дека не само внесот на свежо ладноцедено маслиново масло, туку и краткото пропржување на храната во ладноцедено маслиново масло овозможува подобра инсулинска секреција и контрола на гликемискиот статус кај лицата со дијабетес. (6)

 

Изготвил:

Сашко Дрвошански – Нутриционист